поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Еден ден Давид праша: „Има ли уште некој преживеан од Сауловата куќа, за да му направам милост заради Јонатана?”

2. А во Сауловата куќа беше слуга по име Сива: него го повикаа пред Давида, и царот го праша: „Ти ли си Сива?” А тој одговори: „Јас сум, твојот слуга!”

3. А царот продолжи: „Зар нема веќе никој од Сауловата куќа, за да му искажам Божја милост?” А Сива му одговори на царот: „Има уште Јонатанов син, кој е хром на двете нозе.”

4. Царот го праша: „Каде е тој?” А Сива му одговори на царот: „Ене го во куќата на Махир, синот Амилов, во Ло Девар.”

5. Тогаш царот Давид испрати по него во куќата на Махир, синот Амилов, од Ло Девар.

6. Кога Мефивостеј, синот Јонатанов, синот Саулов, дојде кај Давида, падна ничкум и се поклони. А Давид рече: „Мефивостеју!” Тој одговори: „Еве го твојот слуга!”

7. А Давид му рече: „Не бој се, зашто сакам да ти искажам милост заради твојот татко Јонатан. Ќе ти ги вратам сите ниви на твојот дедо Саул, а ти секогаш ќе јадеш леб на мојот стол.”

8. Мефивостеј се поклони и рече: „Што е твојот слуга та му искажуваш почит на пцовисан пес каков што сум јас?”

9. Потоа царот го повика Сива, Сауловиот слуга, и му рече: „Сè што им припаѓаше на Саула и на неговата куќа, сето тоа му го давам на синот на твојот господар.

10. Ти, со своите синови и со своите слуги, ќе му ја обработуваш земјата, од неа ќе ја собираш жетвата за да има леб семејството на твојот господар; а Мефивостеј, синот на твојот господар, секогаш ќе јаде на мојот стол.” А Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги.

11. Сива му одговори на царот: „Твојот слуга ќе направи сè што мојот господар и цар му заповеда на својот слуга.” И така, Мефивостеј јадеше покрај Давидовиот стол, како еден од царските синови.

12. Мефивостеј имаше мал син по име Миха. А сите кои што живееја во Сивината куќа беа во служба на Мефивостеј.

13. А Мефивостеј престојуваше во Ерусалим, зашто секогаш јадеше на царскиот стол. Беше хром на обете нозе.