Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 3:7-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. А во куќата беше Сауловата соложница по име Ресфа, ќерка Аина: неа ја зеде Авенир кај себе. А Исвостеј го праша Авенира: „Зошто и се доближи на соналожницата на мојот татко?”

8. На тие Исвостееви зборови Авенир се разгневи и рече: „Зар сум јас кучешка глава во Јуда? До денес им правев само добро на домот на твојот татко Саул, на неговите браќа и на неговите пријатели; не дозволив да паднеш во Давидовите раце, а ти ме прекоруваш денес заради обична жена!

9. Нека Бог му го направи на Авенира ова зло и нека му додаде друго ако не направам како што Господ му се заколна на Давида:

10. дека ќе и го одземе царството на Сауловата куќа и дека ќе го зацврсти Давидовиот престол над Израел и над Јуда од Дан до Вирсавеа!”

11. Исвостеј не се осмели да му одговори ни збор на Авенира, зашто се плашеше од него.

12. Тогаш Авенир му испрати гласници на Давида и му порача: „Чија е земјата?” Сакаше да рече: „Склучи сојуз со мене, и мојата рака ќе ти помогне да го собереш околу себе сиот Израел.”

13. Давид му одговори на Авенира: „Добро! Ќе склучам сојуз со тебе! Ама барам само едно од тебе: не смееш да ми излезеш пред очи, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да го видиш моето лице.”

14. Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.”

15. Исвостеј испрати по неа и ја зеде од нејзиниот маж Фалтил, синот Лаисов.

16. А нејзиниот маж тргна со неа, и ја придружуваше плачејќи сè до Ваурим. Тогаш Авенир му рече: „Ајде, врати се сега дома!” И тој се врати.

17. Авенир веќе беше разговарал со Израелевите старешини и им рече: „Веќе одамна го сакате Давида за свој цар.

18. Направете го тоа сега, зашто Господ го рече за Давида ова: ‘Со раката на Својот слуга Давид ќе го избавам својот народ Израел од филистејските раце и од рацете на сите негови непријатели.’”

19. Така Авенир им зборуваше и на Венијаминовите синови, а тогаш отиде во Хеврон, за да му јави на Давида сè што им се допадна на Израел и на Венијаминовиот дом.

20. Кога Авенир дојде кај Давида во Хеврон, и со него дваесет луѓе, Давид им приреди гозба на Авенир и на луѓето кои беа со него.

21. Тогаш Авенир му рече на Давида: „Ајде! Јас ќе го соберам сиот Израел околу мојот господар царот: тие ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, над кои што сакаш.” Давид го отпушти Авенира, кој си отиде во мир.

22. И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир.

23. Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 3