Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 22:21-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Според мојата праведност Господ ми врати, според чистотата на моите раце Тој ме награди,

22. зашто ги пазев Господовите патишта, не се оддалечив од својот Бог.

23. Неговите одредби се пред моите очи, не ги отфрлив Неговите заповеди,

24. Нему Му бев верен до с’ржта, се чувам од секој грев.

25. Господ ми врати според мојата правда, ја виде чистотата на моите раце.

26. Со пријателот Ти си пријател, на чесниот со чесност му враќаш.

27. Со чистиот човек Ти си чист, а итриот го надигруваш,

28. зашто на понизниот народ му донесуваш спасение, а ги понижуваш горделивите очи.

29. Господи, Ти ја запалуваш мојата светилка, Боже, ја осветлуваш мојата темнина:

30. со Тебе удирам врз непријателските чети, со својот Бог ги прескокнувам ѕидовите.

31. Совршени се Господовите патишта, и Господовото слово е испитано со оган. Тој им е штит на сите, кои прибегнуваат кај Него.

32. Зашто кој е Бог освен Господ? Кој е стена освен нашиот Бог?

33. Тој Бог ме опашува со сила, и ја отстранува гибелта од мојот пат.

34. Ми даде нозе брзи како на кошута, и ме постави на безбедни височини,

35. ми ги извежба рацете за борба и мишките за да оптегнуваат бронзен лак.

36. Ми го даваш Својот штит што спасува, Твојата грижливост ме возвиси.

37. Верба му даваш на мојот чекор, и моите нозе веќе не се сопнуваат.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 22