17. И царот замина пеш со сиот народ и застана кај последната куќа.
18. Сите негови дворјанци стоеја покрај него. Тогаш сите Херетејци, сите Фелетејци, Итај и сите Гетејци, кои беа дошле со него од Гат, шест стотини луѓе, поминаа пред царот.
19. Царот го праша Гетеецот Итај: „Зошто и ти идеш со нас? Врати се и остани кај царот! Ти си странец, протеран од својата земја.
20. Вчера дојде, а денес да те водам да скиташ со нас, кога јас одам кај што ќе посакам. Врати се и одведи ги своите браќа назад со себе, а доброта и верност со тебе!”
21. Но Итај му одговори на царот вака: „Живиот ми Господ, и така да биде жив мојот господар цар: каде што ќе биде мојот господар царот, било за смрт или за живот, таму ќе биде и твојот слуга!”
22. Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!” И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него.
23. А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината.