Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 13:6-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.”

7. Тогаш Давид и порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!”

8. Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече.

9. Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!” И сите излегоа од кај него.

10. Тогаш Амнон и рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!” И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната.

11. А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и и рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!”

12. А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам!

13. Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!”

14. Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа.

15. Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И и рече Амнон: „Стани! Оди си!”

16. А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!” Ама тој не сакаше да ја слуша,

17. туку го повика момокот што му служеше и му заповеда: „Избркај ја сега оваа од кај мене, исфрли ја и заклучај ја вратата зад неа!”

18. А таа имаше на себе облека разнобојна, зашто некогаш во такви облеки ги облекуваа царските ќерки додека беа девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа.

19. Тогаш Тамара зеде пепел и се посипа по главата, ја раскина шарената облека што ја имаше на себе, ја стави раката на главата и си отиде викајќи гласно додека одеше.

20. А нејзиниот брат Авесалом ја праша: „Дали можеби твојот брат Амнон беше со тебе? Ама сега, сестро моја, молчи: брат ти е! Не земај го тоа на срце!” Така Тамара остана осамена во куќата на својот брат Авесалом.

21. Кога царот Давид чу сè што се случило, многу се разгневи.

22. А Авесалом не му рече на Амнона ни збор, зашто Авесалом го замрази Амнона што му ја засрами сестрата Тамара.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 13