Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 13:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше убава сестра по име Тамара, и во неа се вљуби Давидовиот син Амнон.

2. Амнон се измачуваше толку што речиси се разболе заради својата сестра Тамара: зашто таа беше девица, па Амнон не гледаше можност да и направи што и да било.

3. Ама Амнон имаше пријател по име Јонадав, син на Давидовиот брат Сама; а Јонадав беше мошне снаодлив.

4. И тој го праша Амнона: „Откаде е тоа, царски сину, што си млитав секое утро? Нема ли да ми кажеш?” А Амнон му одговори: „Вљубен сум во Тамара, сестрата на својот брат Авесалом.”

5. А Јонадав му рече: „Легни во постела и направи се болен, па кога ќе дојде татко ти да те посети, ти речи му: ‘Дозволи да дојде мојата сестра Тамара да ми даде да јадам; ако таа зготви јадење пред моите очи, да го видам тоа, тогаш ќе јадам од нејзината рака.’”

6. И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.”

7. Тогаш Давид и порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!”

8. Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече.

9. Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!” И сите излегоа од кај него.

10. Тогаш Амнон и рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!” И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната.

11. А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и и рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!”

12. А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам!

13. Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!”

14. Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа.

15. Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И и рече Амнон: „Стани! Оди си!”

16. А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!” Ама тој не сакаше да ја слуша,

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 13