Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 12:6-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!”

7. Тогаш Натан му рече на Давида: „Ти си тој човек! Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас те помазав за цар над Израел, Јас те избавив од Сауловата рака.

8. Ти ја предадов куќата на твојот господар, ги положив жените на твојот господар во твоето крило, ти ги дадов Израелевиот дом и Јудиниот дом, ќе ти додадев уште ова или она.

9. Зошто го презре Господа и зошто го направи она што е зло во Неговите очи? Го уби со меч Хетеецот Уриј, а неговата жена ја зеде за своја жена. Да, него го уби со мечот на Амонците.

10. Затоа веќе никогаш не ќе се сврти мечот од твојот дом, зашто Ме презре и зашто ја зеде жената на Хетеецот Уриј да ти биде жена.’

11. Господ зборува вака: ‘Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом. Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце.

12. Навистина ти работеше тајно, но Јас ќе ја извршам оваа закана пред сиот Израел и пред сонцето!’”

13. Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа!” А Натан му одговори на Давида: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш.

14. Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!”

15. Потоа Натан си отиде во својата куќа. А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе.

16. Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја.

17. А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив.

18. А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нè слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!”

19. Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?” А тие одговорија: „Умре.”

20. Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше.

21. А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!”

22. А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 12