Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 1:14-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Тогаш Давид му рече: „Како не се боеше да дигнеш рака за да го убиеш Господовиот помазаник?”

15. И Давид повика едно од момчињата и му заповеда: „Дојди тука и погуби го!” Момчето го удри, и тој умре.

16. А Давид уште му викна: „Твојата крв врз твојата глава! Твојата уста сведочеше против тебе кога рече: ‘Јас го убив Господовиот помазаник.’”

17. Тогаш Давид ја запеа оваа тажачка за Саула и за неговиот син Јонатан.

18. Запишана е во Праведниковиот книжен свиток, за да ја учат Јудините синови. Давид рече:

19. ”О, како ти падна славата, Израелу, изгинаа јунаци на твојата височина!

20. Не раскажувајте вие за поразот во Гат, не разгласувајте по аскалонските улици, за да не воскликнуваат младите филистејски ќерки.

21. О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа врз вас, ниту дожд од небото да ве мие! Вашите полиња да не враќаат род за семе, зашто кај вас е исфрлен штитот на силните! Сауловиот штит не беше помазан со масло

22. туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите! Јонатановиот лак никогаш не промашил, Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен!

23. Саул и Јонатан, љубезни, сложни ни живи не се разделија, ниту во смртта! Беа побрзи од орлите, со снага посилни од лавовите!

24. Ќерки Израелки, сега плачете по Саула, зашто ве облекуваше во убаво црвено! Покрај тоа тој ви прицврстуваше златен накит на облеката.

25. Како загинаа јунаците сред бојот, Јонатан загина на твоите височини!

26. Жал ми е за тебе, брате, Јонатану! Колку многу ти ми беше мил! Твојата љубов ми беше уште почудесна од женската.

27. Ох, како загинаа јунаците, и како е скршено бојното оружје!”

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 1