Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 1:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По Сауловата смрт Давид се врати дома откако ги победи Амаликците. Два дена помина во Сиклаг.

2. На третиот ден дојде некој човек од Сауловиот логор, со скинати облеки и со глава посипана со прав. Откако дојде кон Давида се фрли на земја и му се поклони.

3. Давид го праша: „Од каде доаѓаш?” А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор.”

4. А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!” Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.”

5. Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?”

6. А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа.

7. Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’

8. И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’

9. Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’

10. Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.”

11. Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него.

12. И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 1