Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 6:8-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. но Господ му рече: ‘Си наумил да Му подигнеш Дом на Моето Име, и добро направи,

9. ама ти нема да го подигнеш тој Дом, туку твојот син кој ќе излезе од твоето крило; тој ќе му подигне Дом на Моето Име.’

10. Господ го исполни Своето ветување: го наследив таткото Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, му подигнав Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог,

11. и го наместив Ковчегот во кој е Заветот што Господ го склучи со Израелевите синови.”

12. Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот израелев собир, пред Господовиот жртвеник и ги рашири рацете.

13. Имено, Соломон имаше направено бронзено подножје, долго пет лакти и широко пет лакти, а високо три лакти, и го стави сред дворот; откако застана на него, клекна пред сето израелево собрание и, раширувајќи ги рацете кон небото,

14. рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни на земјата, Тебе, Кој им ги пазиш Заветот и љубовта на Твоите слуги, кои одат пред Тебе со сето свое срце.

15. На Твојот слуга Давид, на мојот татко, му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес.

16. Господи, Израелев Боже, сега исполни му на Својот слуга на татака ми Давида, што си му ветил кога си рекол: ‘Не ќе ти снема пред Мене наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ги пазат своите патишта, одејќи по Мојот закон, како што одеше ти пред Мене.’

17. Господи, Израелев Боже, и така нека се исполни сега ветувањето што му го даде на Својот слуга Давид!

18. Ама зар навистина Бог ќе престојува со луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Те опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил!

19. Внимателно чуј ги молитвата и повикот на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги просењето и молитвата што Твојот слуга ја упатува кон Тебе!

20. Твоите очи нека бидат отворени над овој Дом дење и ноќе, над ова место за кое што рече дека во него ќе Го сместиш Своето Име. Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место.

21. И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, што ќе ја упатува на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата, послушај и смилувај се!

22. Ако некој згреши против ближниот и ако му биде наредено да се заколне и ако заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом,

23. Ти чуј ја од небото, подејствувај и суди им на Своите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите беззаконија врз неговата глава, а ослободи го невиниот постапувајќи со него според неговата невиност.

24. Ако непријателите го поразат Твојот народ зашто згрешил против Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли и извика кон Тебе во овој Дом,

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 6