Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 6:29-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. чуј ја секоја молитва, секој извик од кој и да е човек, или од целиот Твој Израелски народ; ако секој почувствува болка во срцето и рашири раце кон овој Дом,

30. послушај им ги молитвата и нивниот повик во небото каде што престојуваш, и прости, и дај му секому според неговите патишта, зашто Ти го познаваш неговото срце; зашто Ти единствено ги проѕираш срцата на луѓето,

31. за да се бојат од Тебе одејќи по Твоите патишта додека живеат на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци.

32. Па и туѓинецот - кој не е од Твојот Израелски народ, туку стигнал од далечна земја заради величината на Твоето Име и заради Твојата силна рака и подигната мишка, ако дојде и ако се помоли во овој Дом,

33. послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови повици, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и да се бојат од Тебе како Твојот Израелски народ, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом, кој го изградив.

34. Кога Твојот народ ќе тргне против непријателот по патот по кој ќе го упатиш Ти и ако Ти се помоли Тебе, свртен кон градот што си Го избрал и кон Домот што му го подигнав на Твоето Име,

35. послушај ги од небото неговата молитва и неговото просење и направи што е потребно за него.

36. Кога ќе ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а ако Ти, откако ќе се разгневиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите за да ги заробат и за да ги одведат како робје во далечна или блиска земја,

37. па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат одведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи велејќи: ‘Згрешивме’,

38. и ако така Ти се обратат Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата, што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што го одбра, и кон Домот што јас му го подигнав на Твоето Име,

39. послушај ги од небото, каде престојуваш, нивната молба и нивното просење, направи им правда, и прости му на Твојот народ што ти згрешил.

40. Сега, Боже мој, Твоите очи нека бидат отворени и Твоите уши нека бидат внимателни на молитвите на ова место!

41. А сега, Господи Боже, стани во Твоето почивалиште, Ти и Ковчегот на Твојата сила, Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите свети нека се насладуваат со блага.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 6