Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 30:18-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого,

19. кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!”

20. Господ го послуша Езекија и му прости на народот.

21. Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава.

22. Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци.

23. Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба.

24. Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници.

25. Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја.

26. Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим.

27. Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 30