Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 30:16-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите.

17. Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа.

18. Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого,

19. кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!”

20. Господ го послуша Езекија и му прости на народот.

21. Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава.

22. Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци.

23. Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба.

24. Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници.

25. Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја.

26. Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим.

27. Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 30