Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 29:20-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Тогаш царот Езекија стана рано, ги собра градските кнезови и отиде во Господовиот Дом.

21. Доведоа седум млади јунци, седум овни, седум јагниња, седум јарци за грев, за царството и за Светилиштето и за Јуда; тој им заповеда на Ароновите синови свештеници да ги принесат за паленица на Господовиот жртвеник.

22. Откако ги заклаа говедата, свештениците ја зедоа крвта и го попрскаа жртвеникот, ги заклаа јагнињата и со крвта го попрскаа жртвеникот.

23. Ги доведоа јарците за грев пред царот и пред соборот та ги ставија рацете врз нив.

24. Тогаш свештениците ги заклаа и го очистија со нивната крв жртвеникот, зашто царот беше заповедал да бидат принесени паленица и жртва за грев за сиот Израел.

25. Постави во Господовиот Дом левити со кимвали, со псалтири и со гуслиња, како беше заповедал Давид, царевиот гледач Гад и пророкот Натан, зашто заповедта доаѓаше од Бога преку Неговите пророци.

26. Така левитите стоеја со Давидовите свирки, а свештениците со трубите.

27. Тогаш Езекија заповеда да ја пронесат паленицата врз жртвеникот. Кога почна принесувањето на паленицата, почна Господовата песна покрај звуците на роговите и на свиралките на израелскиот цар, Давид.

28. Сиот собор се поклонуваше, пеачите пееја, а трубите трубеа, и тоа сè додека не сврши паленицата.

29. Кога сврши принесувањето на паленицата, царот и сите кои беа со него паднаа набожно на колена и се поклонија.

30. Тогаш царот и кнезовите им заповедаа на левитите да Го фалат Господа со зборовите на Давида и на гледачот Асаф; тие почнаа да фалат со најголема веселба, паднувајќи ничкум, се поклонија.

31. Тогаш Езекија проговори: „Сега вие се посветивте на Господа; пристапете и донесете ги жртвите и благодарните приноси во Господовиот Дом.” Сиот собир донесе закланици и благодарници. Секој што имаше волно срце, принесе паленици.

32. Палениците што ги донесе собирот беа на број: седумдесет говеда, сто овни, двеста јагниња, сè за паленици на Господа.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 29