Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 25:4-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Ама не им ги погуби синовите, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот Закон: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите, ни синовите заради татковците, туку секој нека гине за својот грев.”

5. Потоа Амасиј ги собра Јудејците и сиот Јуда и Венијамин, им ги распредели по семејствата, на илјадниците и стотниците. Откако ги преброи од дваесет години нагоре, најде триста илјади одбрани момчиња за војска, вешти за копје и штит.

6. Од Израелците најми сто илјади храбри јунаци за сто сребрени таланти.

7. Но кај него дојде Божји човек и рече: „Царе, израелската војска нека не иде со тебе, зашто Господ не е со Израелците ниту со Ефремовите синови,

8. туку оди ти сам, биди храбар за бојот; инаку Господ ќе те обори.”

9. Тогаш Амасиј го праша Божјиот човек: „А што ќе биде со стоте таланти што им ги дадов на израелските чети?” Божјиот човек одговори: „Господ има да ти даде повеќе од тоа.”

10. Тогаш Амасиј ги одвои четите што му беа дошле од Ефрема, за да се вратат во своето место. Но војниците се разгневија на Јудејците и се вратија во своето место пламнувајќи од расрденост.

11. А Амасиј, откако се охрабри, го поведе народот, отиде во Солената Долина и погуби десет илјади Сирски синови.

12. Јудините синови заробија десет илјади живи, ги одведоа на врвот на карпата па ги фрлија, така што сите се здробија.

13. Четата што Амасиј ја врати назад за да не оди со нив во бој, грабеше по јудејските градови од Самарија па до Вет-Орон, и истепа во нив три илјади луѓе и запленија многу плен.

14. Потоа, кога Амасиј се врати откако ги разби Едомците, ги донесе боговите на Сирските синови, си ги постави за богови и почна да им се клања и да им кади.

15. Тогаш Господ се разгневи на Амасија и испрати при него пророк, кој го праша: „Зошто ги бараш боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од твојата рака?”

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 25