Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 24:5-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.” Ама на левитите не им се брзаше.

6. Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото?

7. Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.”

8. Потоа царот нареди да се направи ковчег и да се стави надвор кај вратата на Господовиот Дом.

9. Разгласија по Јудеја и по Ерусалим да Му се донесува на Господа данок, што му го беше одредил Божјиот слуга Мојсеј на Израел во пустината.

10. Сите кнезови и сиот народ се зарадуваа, и почнаа да донесуваат и да фрлаат во Ковчегот додека не се наполни.

11. Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници.

12. Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом.

13. Настојниците работеа и поправувањето напредуваше под нивната управа; го вратија Божјиот Дом во ред и го обновија.

14. А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај.

15. Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година.

16. Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом.

17. По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша.

18. Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица.

19. Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 24