поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36

Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јосафат почина покрај своите татковци, и беше погребан кај нив во Давидовиот Град. На неговото место се зацари син му Јорам.

2. Јорам имаше шестмина браќа, Јосафатови синови: Азариј, Ехил, Захариј, Азариј, Михаил и Сефатиј. Сите тие му беа синови на израелскиот цар Јосафат.

3. Таткото им даде многу дарови во сребро, во злато и во скапоцености, со утврдените градови во Јудеја; царството му го даде на Јорама, зашто беше првенец.

4. Откако стапи на татковиот престол и откако се утврди, Јорам ги погуби сите браќа со меч, па и некои израелски кнезови.

5. На Јорама му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим.

6. Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; работеше што е зло во Господовите очи.

7. Сепак Господ не сакаше да ја разурне куќата на Давида заради Заветот што го склучи со него и затоа што му вети дека ќе им ја даде светилката нему и на неговите синови засекогаш.

8. Во тоа време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија свој цар.

9. Затоа Јорам тргна со своите војсководачи и со сите бојни коли. Се подигна ноќе и ги истепа Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли.

10. Сепак Едомците се ослободија од јудејската власт сè до денес. Во исто време се побуни Ливна, за да не биде под неговата власт, зашто тој Го остави Господа, Бога на своите татковци.

11. Уште направи и високи места по јудејските гори, ги наведе на блуд Ерусалимците и ги заведе Јудејците.

12. Тогаш му стигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: ‘Зашто не одеше по патиштата на таткото Јосафат, ни по патиштата на јудејскиот цар Аса,

13. туку одеше по патиштата на израелските цареви и ги наведе на блуд Јудејците и Ерусалимците, како што направи Ахавовиот дом, а покрај тоа ги уби сопствените браќа, своето семејство, кои беа подобри од тебе:

14. еве, Господ ќе навали голема несреќа на твојот народ, на твоите синови, на твоите жени, на сиот твој имот.

15. Ќе се разболиш од многу болести: од болест на цревата, така што цревата ќе ти излезат од болеста, која ќе трае денови и денови.’”

16. Господ го подигна против Јорама гневот на Филистејците и на Арабјаните, кои живееја покрај Етиопците.

17. Тие ја нападнаа Јудеја и ја освоија, го запленија сето богатство што се најде во царевиот дворец, па и неговите синови и неговите жени, така што не остана никој освен најмладиот син, Јоахаз.

18. По сè тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест.

19. Таа траеше денови и денови, а кога се навршија две години, му излегоа цревата од болеста, та умре во страшни маки. Народот не му приреди мирисливи палења, како што им палеше на неговите татковци.

20. Му беа триесет и две години кога се зацари, а осум години царуваше во Ерусалим. Почина, а никој не зажали за него; и го погребаа во Давидовиот Град, но не во царската гробница.