Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 19:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кога јудејскиот цар Јосафат се врати во мир дома во Ерусалим,

2. пред него излезе Ананиевиот син, гледачот Јуј, и му рече на царот Јосафат: „Зар да му помагаш на безбожникот и да го љубиш Господовиот мразител? Затоа и удира врз тебе Господовиот гнев.

3. Сепак се најде нешто добро во тебе: ги отстрани ашерите од земјата и го насочи своето срце да Го бараш Господа!”

4. Оттогаш Јосафат живееше во Ерусалим, пак излегуваше меѓу народот од Вир Савеа до Ефремовата Гора и го обрнуваше кон Господа, кон Бога на нивните татковци.

5. Постави судии во земјата во сите утврдени јудејски градови, во секој град.

6. И им рече: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа.

7. И така, сега Господовиот страв нека биде над вас; внимавајте и работете совесно, зашто во Господа, во нашиот Бог, нема неправда ни лицемерие, ниту Тој прима поткуп.”

8. Јосафат постави левити, свештеници и главатари на израелските семејства во Ерусалим за да ги изречуваат Господовите судови и да пресудуваат во споровите. Тие живееја во Ерусалим,

9. и тој им даде заповеди, велејќи: „Работете со Господов страв и со искрено срце.

10. Каков и да е спор ако излезе пред вас од вашите браќа кои живеат во градовите: било да се работи за крвна одмазда, за законот, за заповедите, за одредби или за обреди, треба сè да им растолкувате, за да не Му згрешат на Господа и за да не се обори Неговиот гнев на вас и на вашите браќа. Работете така и нема да бидете виновни.

11. И еве, свештеничкиот главатар Амариј ќе биде над вас во сите Господови работи, а Исмаиловиот син Завдиј, началникот на Јудиниот дом, во сите царски работи. Левитите ќе ви служат како писари. Бидете силни, и на работа! Господ ќе биде со оној, кој е добар.”

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 19