8. Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!”
9. Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.
10. Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’”
11. Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.”
12. Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!”
13. Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!”
14. Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!”
15. Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?”
16. Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’”
17. Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?”
18. А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево.