22. Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.”
23. Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?”
24. Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.”
25. Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас.
26. Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.”‘“
27. Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!” И додаде: „чујте сите народи!”
28. Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот.
29. Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!” Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој.
30. Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!”
31. Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него.