Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 10:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат.

2. Штом го чу тоа Јеровоам синот Наватов - кој беше во Египет каде беше побегнал пред царот Соломон - се врати од Египет,

3. зашто беа испратиле по него и го повикале. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собир, му рекоа на Ровоама:

4. „Твојот татко ни наметна тешко бреме, сега ти олесни ни ги тешката служба на својот татко и тешкото бреме што го сложи на нас, па ќе ти служиме.”

5. Тој им одговори: „По три дни дојдете пак кај мене.” И народот си отиде.

6. Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците, кои му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?”

7. А тие му одговорија: „Ако ги исполниш барањата на тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие ќе ти бидат слуги секогаш.”

8. Но тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со помладите, кои порастеа со него и му беа во служба.

9. Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ, кој ми рече: ‘Олесни ни го бремето што ни го наметна твојот татко!’”

10. Младите, кои беа порасле со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна бреме, а ти олесни ни го’ одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на мојот татко!

11. И така, мојот татко ви наметна тешко бреме, а јас ќе го зголемам вашето бреме; мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве бијам со камшици со железни штипци.’”

12. На третиот ден дојдоа Јеровоам и сиот народ кај Ровоам, зашто царот им беше наредил: „Вратете се кај мене на третиот ден.”

13. Царот им одговори остро; отфрлајќи го советот на постарите,

14. одговори по советот на младите: „Мојот татко ви го отежна вашето бреме, а јас уште ќе придадам врз него; мојот татко ве шибаше со камшици, а јас ќе ве шибам со камшици со железни штипци.”

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 10