Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 8:35-51 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

35. Кога ќе се затвори небото и не ќе падне дожд зашто Ти згрешиле Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име и ако се одвратат од својот грев кога ќе ги понижиш Ти,

36. тогаш чуј ги Ти на небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот Израелски народ, покажувајќи им го добриот пат по кој да одат, и пушти дожд на земјата што му ја даде во наследство на Својот народ.

37. Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, и кога ќе надојдат скакулци, гасеници, кога непријателот на овој народ притисне некоја од неговите врати, или кога ќе биде некоја друга неволја или болест,

38. ако некој човек, или сиот Твој народ, ја почувствува тешкотијата на своето срце па упати молитва или просење та ги рашири рацете кон овој Храм,

39. Ти чуј од небото, од местото каде што престојуваш, и прости и постапи; врати му на секој човек според неговиот пат, зашто Ти го познаваш неговото срце - единствено Ти ги познаваш срцата на сите -

40. за да се бојат од Тебе секогаш во сите дни додека живеат на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци.

41. Па и туѓинецот, кој не е од твојот Израелски народ, туку пристигнал од далечна земја заради Твоето Име,

42. зашто чул за Твоето големо Име, за Твојата силна рака и за Твојата подигната мишка - ако дојде и ако се помоли во овој Храм,

43. послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови извикувања, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и за да се бојат од Тебе како Твојот народ Израел, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом што го изградив.

44. Ако Твојот народ тргне против непријателот, по пат по кој што ќе го упатиш Ти, и ако Му се помоли на Господа, свртен кон овој град што си го избрал и кон Домот што му го изградив на Твоето Име,

45. послушај му ги од небото молитвата и просењето, и направи му правда.

46. Кога ќе Ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а Ти, откако ќе се насрдиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите да ги заробат и да ги одведат како робје во далечна или во блиска земја,

47. па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат доведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи, велејќи: ‘Згрешивме, бевме лоши и опаки,’

48. и ако така се обратат кон Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што си го избрал, и кон Домот што му го изградив јас на Твоето Име,

49. послушај ги од небото, каде што престојуваш, нивната молба и нивните просења,

50. направи им правда, и прости му на Својот народ зашто згреши против Тебе, прости ги сите навреди што ти ги нанесе, направи за да му се смилуваат освојувачите и за да бидат милостиви спрема него,

51. бидејќи тие се Твој народ и Твое наследство, нив ги изведе од Египет, од вжерената печка.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 8