Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 8:22-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот Израелев собир, пред Господовиот жртвеник, ги рашири рацете кон небото

23. и рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни долу на земјата, Тебе Кој ги пазиш Заветот и љубовта кон Своите слуги, што чекорат пред Тебе со сето свое срце.

24. На Својот слуга Давид, на мојот татко, Ти му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес.

25. Сега, Господи, Израелев Боже, исполни му на Својот слуга, на мојот татко Давид, што Си ветил кога Си рекол: ‘Нема пред мене да ти снема наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ќе ги чуваат своите патишта, одејќи по Мојот закон како што си одел ти пред Мене.’

26. И сега Господи, Израелев Боже, нека се исполни Твоето ветување што Си му го дал на Својот слуга Давид, на мојот татко!

27. Но зар Бог навистина ќе престојува среде луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Го опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил!

28. Внимателно послушај ги молитвата и викањето на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги викањето и молитвата што Твојот слуга Ти ја упатува Тебе!

29. Нека Твоите очи дење и ноќе бидат отворени над овој Дом, над ова место за кое што рече: ‘Тука ќе биде Моето Име.’ Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место.

30. И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, кога тие ќе се молат на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата и смилувај се.

31. Ако некој згреши против ближниот и ако му се нареди да се заколне, а заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом,

32. тогаш Ти чуј ја на небото и постапувај и суди им на Твоите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите дела на неговата глава, а невиниот ослободи го постапувајќи со него според неговата невиност.

33. Ако Твојот народ биде разбиен од непријателот зашто Ти згрешил Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли во овој Дом,

34. тогаш чуј го Ти тоа од небото, прости му ги гревовите на Својот Израелски народ и доведи го назад во земјата што им ја даде на нивните татковци.

35. Кога ќе се затвори небото и не ќе падне дожд зашто Ти згрешиле Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име и ако се одвратат од својот грев кога ќе ги понижиш Ти,

36. тогаш чуј ги Ти на небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот Израелски народ, покажувајќи им го добриот пат по кој да одат, и пушти дожд на земјата што му ја даде во наследство на Својот народ.

37. Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, и кога ќе надојдат скакулци, гасеници, кога непријателот на овој народ притисне некоја од неговите врати, или кога ќе биде некоја друга неволја или болест,

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 8