Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 6:4-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. На Храмот направи прозорци, затворени со решетки.

5. Покрај ѕидот на Храмот околу Светината и Светината над светините, соѕида приградба на катови, сè наоколу.

6. Долниот кат беше пет лакти широк, а средниот шест, а третиот седум лакти, зашто засеците ги распореди од надворешната страна околу Храмот, за да не би требало да ги вградува во храмските ѕидови.

7. Храмот е граден од камен што веќе во каменоломот беше изделкан, така што при градењето не се чуја ни чекан ни длето, ни некакво железно орудие.

8. Влезот во долниот кат беше од десната страна на Храмот, а по завојни искачувалки се одеше до средниот кат, и од средниот на третиот.

9. Така го изгради Храмот и го доврши; и го покри со кедрови греди и даски.

10. И соѕида уште приградба околу целиот Храм; беше пет лакти висока, а врзана со Храмот со кедрови греди.

11. И Господовото слово му стигна на Соломона:

12. ”Тоа е Домот што го градиш: ако одиш според Моите наредби, ако ги исполнуваш Моите наредби и ако ги пазиш Моите заповеди, тогаш ќе го исполнам за тебе ветувањето што му го дадов на твојот татко Давид:

13. Ќе престојувам меѓу Израелевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израел.”

14. И така Соломон го изгради Храмот и го доврши.

15. И ги обложи одвнатре ѕидовите на Храмот со кедрови даски - од подот до покривот ги обложи со дрво одвнатре - а со чемпресови даски го обложи подот на Храмот.

16. И направи преграда од дваесет лакти, од кедрови даски, од подот до покривот, и го оддели тој дел на Храмот за Светина над светините.

17. А Светилиштето, дел на Храмот пред Светина над светините - имаше четириесет лакти.

18. А врз кедровината внатре во Храмот беа врежани украси - плетеници од папки и цвеќиња; сè беше од кедровина, и никаде не се гледаше камен.

19. Светината над светините ја уреди внатре во Храмот, за да го смести таму Ковчегот на Господовиот Завет.

20. Светината над светините беше дваесет лакти долга, дваесет лакти широка, а ја обложи со чисто злато. Направи и жртвеник од кедровина,

21. пред Светината над светините, и го обложи со чисто злато.

22. И сиот Храм го обложи со злато, сиот Храм и сиот жртвеник, кој е пред Светината над светините, го обложи со злато.

23. Во Светината над светините направи два херувима од маслиново дрво. Беа високи десет лакти.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 6