Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 22:8-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би сме можеле да Го прашаме Господа, ама не го поднесувам, зашто не ми пророкува ништо добро, туку само зло; тоа е Михеј, синот Емлин.” А Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!”

9. Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Побргу доведи го Михеј, синот Емлин.”

10. Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.

11. Хананииниот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ зборува вака: ‘Со нив ќе ги набодеш сите Арамејци додека не ги уништиш.’”

12. Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.”

13. Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!”

14. Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!”

15. Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.”

16. Ама царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш само вистината во Господово Име?”

17. Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат во мир дома.’”

18. Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро туку зло!”

19. А Михеј рече: „Затоа чуј го Господовото слово: Го видов Господа каде седи на Својот престол, а сета небеска војска Му стоеше оддесно и одлево.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 22