Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 22:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Мирот владееше три години; немаше војна меѓу Арамејците и Израел.

2. Во третата година Јосафат, јудејскиот цар, го посети израелскиот цар.

3. Царот на Израел им рече на своите дворјанци: „Знаете ли дека Галадскиот Рамот е наш? А ние не преземаме ништо да го одземеме од рацете на арамејскиот цар.”

4. Потоа му рече на Јосафата: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?” Јосафат му одговори на израелскиот цар: „Јас сум како и ти, мојот народ како и твојот, моите коњи како и твоите.”

5. Тогаш Јосафат му рече на израелскиот цар: „Де посоветувај се најнапред со Господа.”

6. Тогаш израелскиот цар собра околу себе си четири стотини пророци и ги праша: „Можам ли да завојувам против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Господ ќе му го предаде во рацете на царот.”

7. Ама Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк, за да го прашаме и него?”

8. Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би сме можеле да Го прашаме Господа, ама не го поднесувам, зашто не ми пророкува ништо добро, туку само зло; тоа е Михеј, синот Емлин.” А Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!”

9. Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Побргу доведи го Михеј, синот Емлин.”

10. Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.

11. Хананииниот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ зборува вака: ‘Со нив ќе ги набодеш сите Арамејци додека не ги уништиш.’”

12. Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.”

13. Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!”

14. Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!”

15. Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 22