Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 20:18-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тој рече: „Ако излегоа заради мир, фатете ги живи; ако излегоа во бој, фатете ги пак живи!”

19. Ама кога тие - момчињата на покраинските управители - излегоа од градот, по нив следеше другата војска,

20. и секој удри на својот противник. Арамејците бегаа, а Израелците ги гонеа. Вен-Адад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со некои коњаници.

21. Тогаш излезе израелскиот цар; ги заплени коњите и колите, и им нанесе на Арамејците тежок пораз.

22. Тогаш пророкот му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Ајде! Охрабри се и размисли добро што треба да правиш, зашто догодина арамејскиот цар ќе нападне на тебе.”

23. Слугите го советуваа арамејскиот цар: „Нивните богови се богови на горите, и затоа беа појаки од нас.

24. И така, да направиме вака: мавни ги овие цареви, и постави ги војводите на нивното место.

25. Потоа собери си голема војска колку што беше онаа што ја изгуби, толку коњи и толку коли. Тогаш ќе се биеме со нив во рамница, и бездруго ќе надвладееме.” Тој ги послуша и направи така.

26. Кога помина годината Вен-Адад ги крена Арамејците и тргна против Афек, за да војува со Израел.

27. Израелците се кренаа и тргнаа против нив. И се влогорија Израелците пред нив како две мали стада кози, додека Арамејците ја покрија земјата.

28. Тогаш Божјиот човек му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Вака вели Гопод: ‘Затоа што Арамејците велат дека Господ е Бог на горите и дека не е Бог на рамниците, Јас ќе го предадам во твоите раце ова силно мноштво, за да знаете дека Јас Сум Господ.’”

29. Седум денови беа влогорени едните спроти другите. Во седмиот ден се зафати бој, и Израелците ги погубија Арамејците, сто илјади пешаци во еден единствен ден.

30. Остатокот избега во Афек, во градот, ама ѕидот се урна врз дваесет и седум илјади луѓе кои останаа. Избега и Вен-Адад. Во градот поминуваше од една скривница во друга.

31. Неговите слуги му рекоа: „Ете! Ние чувме дека израелските цареви се милостиви. Да ставиме вреќишта околу своите слабини и јажиња околу своите глави, па да излеземе пред израелскиот цар: можеби ќе ти го поштеди животот.”

32. И врзаа вреќишта околу своите крстови и јажиња околу своите глави. Отидоа пред израелскиот цар и рекоа: „Твојот слуга Вен-Адад вели: ‘Остави ме во живот!’” Тој одговори: „Уште ли е жив? Тој е мој брат.”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 20