Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 2:32-45 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

32. Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода.

33. Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.”

34. И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата.

35. На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок.

36. Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде.

37. Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.”

38. Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.” И Симеј живееше долго во Ерусалим.

39. Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.”

40. Тогаш Симеј стана, го насамари ослето и отиде во Гат, кај Ахис, за да ги бара своите слуги. И Симеј се врати и ги доведе своите слуги од Гат.

41. И му јавија на Соломона: „Симеј отиде од Ерусалим во Гат, и се врати.”

42. Царот го повика Симеја и му рече: „Не се заколнав ли во Господа и нели те опоменав строго: ‘Во оној ден кога ќе излезеш и ќе тргнеш било каде, знај добро дека ќе умреш!’ А ти ми одговори тогаш: ‘Добар е зборот што го чув.’

43. Зошто не ја запази Господовата заклетва и заповедта што ти ја дадов?”

44. Уште му рече царот на Симеја: „Ти го знаеш сето зло што си му го сторил на татака ми Давида. Твоето срце е свесно за тоа. Господ нека направи твоето зло да се врати на твојата глава.

45. А царот Соломон е благословен, и Давидовиот престол ќе биде цврст пред Господа довека.”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 2