20. Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.” Царот и одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.”
21. Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.”
22. Царот Соломон одговори и и рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!”
23. Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот!
24. Живиот ми Господ, Кој ме потврди и ме стави на престолот на мојот татко Давид, и Кој ми даде дом како што вети: Адониј ќе умре уште денес.”
25. И царот Соломон го испрати Венаја, синот Јодаев, кој го удри, та Адониј умре.
26. Потоа царот му нареди на свештеникот Авијатар: „Оди во Анатот на својот имот. Си заслужил смрт, ама нема да те погубам денес, зашто го носеше Господовиот Ковчег пред мојот татко Давид и ги сподели сите страдања со мојот татко.”
27. И Соломон го исклучи Авијатара од Господовото свештенство, за да го исполни така Господовиот збор, што го изрече против Илиевиот дом во Сило.
28. Кога гласот стигна до Јоава - Јоав беше со Адониј, иако не му се приклучи на Авесалома - тој избега во Господовиот Шатор и се фати за роговите на жртвеникот.
29. И му јавија на царот Соломон: „Јоав избега во Господовиот Шатор, ене го покрај жртвеникот.” Тогаш Соломон му порача на Јоава: „Зошто се држиш за жртвеникот?” Јоав одговори: „Се исплашив од тебе и побегнав пред Господа.” Тогаш Соломон му нареди на Венаја, синот Јодаев: „Оди и убиј го!”
30. Венаја отиде во Господовиот Шатор и му рече на Јоава: „По царска наредба: излези!” Тој одговори: „Не сакам, имам желба да умрам тука!” Венаја му јави на царот: „Ете што ми рече Јоав и што ми одговори.”
31. Царот му рече: „Направи како што рекол: убиј го, потоа закопај го. Така ќе ја симнеш од мене и од домот на мојот татко невината крв што Јоав ја пролеа.
32. Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода.
33. Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.”
34. И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата.
35. На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок.
36. Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде.
37. Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.”
38. Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.” И Симеј живееше долго во Ерусалим.
39. Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.”