Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 16:9-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Неговиот дворјанец Зимриј, заповедник на половината бојни коли, се побуни против него. Кога беше во Терса, се испијани во куќата на Арсо, управителот на дворецот во Терса.

10. Тогаш Зимриј влезе, удри на него и го уби, во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, и се зацари место него.

11. Штом почна да владее и штом седна на престолот, ја погуби сета Васина куќа; не му го поштеди ни она што мокри покрај ѕидот, ни неговите роднини ни пријатели.

12. Така Зимриј ја откорна сета Васина куќа според словото што Господ го кажа преку својот слуга пророкот Јуј,

13. заради сите гревови што ги правеа Васа и неговиот син Ила и така го заведуваа Израел, срдејќи Го Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови.

14. Другата Илина повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

15. Во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, Зимриј стана цар во Терса, и владееше седум дена. Тогаш народот го опсадуваше Гиветон, што им припаѓаше на Филистејците.

16. Кога народот во логорот чу дека Зимриј се побунил и дека го убил царот, сиот Израел во истиот ден во логорот го прогласи за цар над сиот Израел заповедникот на војската Амриј.

17. Потоа Амриј и сиот Израел со него отидоа од Гиветон и ја опсадија Терса.

18. Кога Зимриј виде дека градот ќе биде преземен влезе во тврдината на царскиот дворец, го запали над себе царскиот дворец, и така загина.

19. Тоа беше заради гревовите што ги беше направил, работејќи што е зло во Господовите очи и одејќи по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои го заведуваше Израел.

20. Другата Зимриева повест и неговата завера што ја скова, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

21. Тогаш Израелевиот народ се раздели: половината се одлучи за Тивниј, синот Гинатов, за да го направи цар, а втората половина за Амриј.

22. Ама Амриевите приврзаници беа посилни од приврзаниците на Тивниј, синот Гинатов, па кога Тивниј умре, Амриј стана цар.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 16