Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 15:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, синот Наватов, се зацари Авијам во Јудеја.

2. Три години царуваше во Ерусалим; неговата мајка се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка.

3. Тој одеше во сите гревови што неговиот татко ги правеше пред него, и неговото срце не му беше потполно верно на Господа, својот Бог, како срцето на неговиот прататко Давид.

4. Сепак, заради Давида, Господ, неговиот Бог, му даде светилник во Ерусалим, подигнувајќи ги неговите синови по него и запазувајќи го Ерусалим.

5. Зашто Давид правеше сè што беше право во очите на Господа, и за време на сиот свој живот не отстапи од ништо што му беше заповедано, освен она што му го направи на Хетеецот Уриј.

6. А војна беше меѓу Ровоам и Јеровоам сиот негов век.

7. Другата Авијамова повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? А имаше војна меѓу Авијам и Јеровоам.

8. Потоа Авијам почина со своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Аса.

9. Во дваесеттата година на Јеровоамовото царување над Израел, Аса стана цар над Јудеја.

10. Царуваше четириесет и една година во Ерусалим; неговата баба се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка.

11. Аса правеше што е право во очите на Гопода, како и неговиот прататко Давид.

12. Ги протера од земјата „посветените блудници” и ги отстрани сите кипови што ги беа направиле неговите татковци,

13. самиот ја отстрани својата баба Мака да не биде царица, зашто и беше направила гад на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад и го спали во потокот Кедрон.

14. Ама високите места не беа уништени; сепак Асиното срце Му беше приврзано на Господа за време на сиот негов живот.

15. Ги внесе во Господовиот Дом посветените дарови на татка си и своите: сребро, злато и садови.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 15