Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 14:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во она време се разболе Авиј, синот Јеровоамов,

2. и Јеровоам и рече на својата жена: „Стани и преоблечи се за да не те препознаат дека си Јеровоамова жена; и оди во Сило. Таму е пророкот Ахиј: оној кој ми прорече дека ќе бидам цар на овој народ.

3. И понеси десет лебови, колачиња и сад со мед и оди кај него! Тој ќе ти каже што ќе биде со детето.”

4. И Јеровоамовата жена направи така: стана, отиде во Сило и влезе во Ахиевата куќа. А тој веќе не гледаше, очите му ослабеа од длабока старост.

5. Но Господ му рече: „Еве доаѓа Јеровоамовата жена за да бара од тебе совет за својот син, зашто е болен; а ти ќе и речеш така и така. Кога ќе влегува, ќе се преправа како да е друга.”

6. Кога Ахиј го чу шумот на нејзините чекори на вратата, и рече: „Влези, Јеровоамова жено! Што се преправаш дека си друга, кога имам тешка вест за тебе?

7. Оди, речи му на Јеровоам: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Те подигнав од народот и те поставив кнез над Мојот народ Израел,

8. го истргав царството од Давидовата куќа и ти го дадов тебе. Но ти не беше како Мојот слуга Давид, кој ги пазеше Моите заповеди и кој Ме следеше со сето свое срце, и кој правеше само она што е праведно во Моите очи.

9. Ти постапуваше уште полошо од своите претходници, отиде и си направи за себе други богови, ги излеа нивните ликови за да Ме дразниш, Мене Ме фрли зад плеќи.

10. Затоа, еве пуштам зло на Јеровоамовата куќа, ќе ги истребам од Јеровоамовата куќа: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел; Јас ќе ја изметам без трага Јеровоамовата куќа како што се мете нечистотата, за да не остане ништо.

11. Оние кои, од Јеровоамовата куќа, ќе умрат во градот, ќе ги изедат кучињата, а оние кои ќе умрат во полето, ќе ги изедат небеските птици.” Така рече Господ.’

12. Ти стани и тргни кон својот дом: туку штом ќе стапнеш со нозете во градот, детето ќе умре.

13. Сиот Израел ќе го оплаче и ќе го погребе. Тој единствено, од Јеровоамовата куќа, ќе биде положен во гроб, зашто единствено во него се најде нешто во Јеровоамовиот дом што му се допадна на Господа, Израелевиот Бог.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 14