Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 1:29-47 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Тогаш царот и се заколна: „Така ми живиот Господ Кој ме избави од сите неволји!

30. Денес ќе ти исполнам како што ти се заколнав во Господа, Израелевиот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене’, тој ќе седи на мојот престол!”

31. Тогаш Витсавеа се наведна со лицето до земја, се поклони пред царот и рече: „Вечно нека живее мојот господар цар Давид!”

32. А Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан, и Венаја, синот Јодаев.” И Тие дојдоа цред царот,

33. а тој им рече: „Земете ги со вас слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до Гион.

34. Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израел. Тогаш затрубете и објавете: ‘Да живее цар Соломон!’

35. Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.”

36. Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите!

37. Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!”

38. Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион.

39. Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!”

40. И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја.

41. Адониј и сите негови повиканици го чуја тоа. Токму беа на крајот на гозбата. И Јоав ги чу трубите, па праша: „Зошто е таа врева во градот?”

42. Додека тој уште зборуваше, стигна Јонатан, синот на свештеникот Авијатар, и Адониј му рече: „Ти си добар човек, навистина носиш добра вест!”

43. Јонатан одговори: „Да, нашиот господар, цар Давид, го направи Соломона цар!

44. Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, и Јодаевиот син Венаја, и Херетејците и Фелетејците. Тие го ставија на царевата мазга,

45. и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа на Гион за цар. Потоа слегоа воскликнувајќи радосно, и сиот град зовре; тоа е вревата што ја чувте.

46. Уште повеќе: Соломон веќе седна на царскиот престол,

47. и дојдоа царските слуги да му честитаат на нашиот господар цар Давид, велејќи: ‘Твојот Бог нека го прослави Соломоновото име повеќе од твоето име и нека го возвиши неговиот престол повеќе од твојот.’ Царот тогаш се поклони во својата постела

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 1