Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 9:8-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. А слугата проговори пак и му рече на Саула: „Ете, имам во раката четвртинка сребрен сикал: ќе му го дадам на Божјиот човек, за да нè упати каде да одиме.”

9. (Некогаш во Израел кога би оделе да Го прашаат Бога за совет, се велеше: „Ајде, да појдеме кај видовитиот!” Зашто кого денес го нарекуваат пророк, некогаш беше викан видовит.)

10. Саул му одговори на својот слуга: „Добро велиш. Ајде!” И тргнаа во градот каде што живееше Божјиот човек.

11. Кога се искачуваа по угорништето кон градот, сретнаа девојки кои што излегле да нацрпат вода. И ги прашаа: „Дали е горе видовитиот?”

12. Тие им одговорија вака: „Да, видовитиот е пред вас. Точно стигна во градот, само побрзајте, бидејќи денес народот има жртва на високо место.

13. Штом ќе влезете во градот, ќе го најдете уште пред да се искачи на високото место да јаде. Зашто народот нема да јаде додека не дојде тој, бидејќи тој треба да ја благослови жртвата, а потоа повиканите ќе јадат. Затоа одете веднаш горе зашто уште ќе го најдете.”

14. Тие отидоа горе во градот. Кога влегуваа во вратата, Самоил ги сретна тргнувајќи кон високото место.

15. А ден пред да дојде Саул Господ му откри на Самоила:

16. ”Утре во ова доба ќе испратам при тебе човек од Венијаминовата Земја. Ти ќе го помажеш за кнез над Мојот народ Израел. Тој ќе го избави Мојот народ од филистејските раце. Ја видов неволјата на Својот народ, и неговиот вик достигна до Мене.”

17. А кога Самоил го здогледа Саула, Господ му проговори: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ.’”

18. Саул му пристапи на Самоила при вратата и рече: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот.”

19. А Самоил му одговори на Саула: „Јас сум видовитиот. Тргни пред мене на високото место, денес ќе јадете со мене. Утре наутро ќе те отпуштам и ќе ти речам сè што ти е на срцето.

20. А за ослиците што ти се загубија пред три дни, не возбудувај се, зашто се најдоа. Освен тоа, кому му припаѓа сè што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?”

21. А Саул одговори вака: „Не сум ли јас од Венијаминовото племе, од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?”

22. Самоил ги зеде Саула и неговиот слуга, ги одведе во соба и им даде место на чело на повиканите, кои беа околу триесет.

23. Потоа Самоил му рече на готвачот: „Донеси го делот што ти го дадов и за кој ти реков да го оставиш настрана.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 9