Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 9:15-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. А ден пред да дојде Саул Господ му откри на Самоила:

16. ”Утре во ова доба ќе испратам при тебе човек од Венијаминовата Земја. Ти ќе го помажеш за кнез над Мојот народ Израел. Тој ќе го избави Мојот народ од филистејските раце. Ја видов неволјата на Својот народ, и неговиот вик достигна до Мене.”

17. А кога Самоил го здогледа Саула, Господ му проговори: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ.’”

18. Саул му пристапи на Самоила при вратата и рече: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот.”

19. А Самоил му одговори на Саула: „Јас сум видовитиот. Тргни пред мене на високото место, денес ќе јадете со мене. Утре наутро ќе те отпуштам и ќе ти речам сè што ти е на срцето.

20. А за ослиците што ти се загубија пред три дни, не возбудувај се, зашто се најдоа. Освен тоа, кому му припаѓа сè што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?”

21. А Саул одговори вака: „Не сум ли јас од Венијаминовото племе, од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?”

22. Самоил ги зеде Саула и неговиот слуга, ги одведе во соба и им даде место на чело на повиканите, кои беа околу триесет.

23. Потоа Самоил му рече на готвачот: „Донеси го делот што ти го дадов и за кој ти реков да го оставиш настрана.”

24. Готвачот ги зеде плешката и она што беше над неа и ги стави пред Саула, а Самоил му рече: „Еве, пред тебе е она што е запазено за тебе. Јади, зашто тоа ти е запазено досега, кога го свикав народот.” Така во оној ден Саул јадеше со Самоила.

25. Потоа оттаму слегоа во градот. Таму му послаа на Саула на покривот.

26. И тој легна на почивка. Штом се зазори, Самоил го повика Саула, велејќи: „Стани, за да те отпуштам!” Кога Саул стана, двајцата излегоа, тој и Самоил.

27. Кога дојдоа на крајот на градот, Самоил му рече на Саула: „Речи му на момокот нека тргне напред пред нас! А ти застани, сега, за да ти го јавам Божјото слово.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 9