15. Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?” А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!”
16. И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја.
17. И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа.
18. Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид.
19. И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè.
20. Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!”
21. Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија.
22. Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!”
23. Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, по она што ни го даде Господ: Тој нè чуваше и ни ја предаде во рацете разбојничката дружина, што беше излегла против нас.
24. Та кој ќе ве послуша во тоа? Зашто каков е делот на оној кој оди во бој, таков е делот на оној кој останува кај товарот. Сите нека имаат еднаков дел.”
25. Така остана од тој ден натаму. Давид го направи тоа со одредба и закон во Израел сè до денешниот ден.
26. Кога Давид дојде во Сиклаг, им испрати дел од пленот на старешините на Јуда, според нивните поединечни градови, со пораката: „Еве за вас подарок од пленот на Господовите непријатели!”
27. На оние во Ветил, на оние во Рама, во Негев, и на сите во Јатир;
28. на оние во Ароир и на оние во Сифмот, на оние во Естемо;
29. на оние во Ракал, на оние во ерамеилските градови и на оние во кенејските градови;
30. на оние во Орма; на оние во Хор Асан и на оние во Атах;
31. на оние во Хеврон; и во сите оние места во кои што доаѓал Давид со своите луѓе.