Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 28:5-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Кога Саул го здогледа филистејскиот логор, се исплаши и срцето му затрепери силно.

6. Саул го праша за совет Господа, но Господ не му даде одговор, ни во соништата, ни преку Уримот, ни преку пророците.

7. Затоа Саул им рече на своите слуги: „Побарајте ми жена која повикува духови, за да одам кај неа и да ја прашам.” А слугите му одговорија: „Еве, во Ен-Дор има жена која повикува духови.”

8. Тогаш Саул се преправи, облече други облеки и отиде со два човека. И дојде ноќе кај онаа жена и и рече: „Да ми вражаш со помош на дух и повикај ми го оној кого што ќе ти речам.”

9. А жената му одговори: „Па ти знаеш што направи Саул и како ги истреби од земјата повикувачите на духови и вражалците. Зошто му поставуваш стапица на мојот живот за да ме погубиш?”

10. А Саул и се заколна во Господа, говорејќи: „Така ми живиот Господ, не ќе бидеш ништо виновна за ова!”

11. Тогаш жената запраша: „Кого да ти го повикам?” А тој одговори: „Повикај ми го Самоила!”

12. Кога жената го здогледа Самоила, извика гласно, а тогаш му рече на Саула: „Зошто ме измами? Та ти си Саул!”

13. А царот и одговори: „Не бој се! Туку што гледаш?” А жената му одговори на Саула: „Гледам нешто божествено што се дига од земјата.”

14. Саул ја праша: „Какво му е обличјето?” А таа одговори: „Излегува старец, наметнат со плашт.” Тогаш Саул созна дека е тоа Самоил, па падна со лицето на земјата и се поклони.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 28