Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 26:3-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Саул се влогори во подножјето на Ехелското Брдо, што е спроти Гесимон, покрај патот. Давид, кој престојуваше во пустината, забележа дека Саул дојде онаму за да го гони.

4. Затоа Давид испрати согледувачи и научи дека Саул навистина дошол.

5. Давид се крена и дојде до местото каде што се влогорил Саул. Таму Давид го здогледа местото каде што спиеја Саул и Авенир, синот Ниров, неговиот војвода: Саул спиеше среде логорот, а војската лежеше во круг околу него.

6. Давид им се обрати на Хетеецот Ахимелех и на Ависај, синот Серуин, а брат Јоавов, и им рече: „Кој ќе дојде со мене во логорот сè до Саула?” А Ависај одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.”

7. И така Давид и Ависај стигнаа ноќта до војската: и ете, Саул лежеше и спиеше во логорот, а неговото копје беше закачено во земјата кај возглавјето. Авенир и војниците лежеа околу него.

8. Тогаш Ависај му рече на Давида: „Денес Бог ти го предаде твојот непријател во твои раце; затоа сега дозволи да го прободам за земјата со неговото сопствено копје, со еден единствен удар, друг не ми треба.”

9. Ама Давид му одговори на Ависај: „Не го убивај! Зашто кој ќе ја подигне својата рака на Господовиот помазаник и ќе остане неказнет?”

10. Уште продолжи Давид: „Живиот ми Господ, и Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине.

11. Да не ми даде Господ да кренам рака на Господовиот помазаник! Туку земи ги сега копјето што му е кај возглавјето и садот за вода, па да си одиме!”

12. И Давид ги зеде копјето и садот за вода што беа кај Сауловото возглавје, и тие си отидоа: никој ништо не виде ни забележа, никој не се разбуди, туку сите спиеја, зашто врз нив падна длабок сон од Господа.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 26