Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 25:27-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

27. А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта.

28. Прости и ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе.

29. Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка.

30. И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел,

31. тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!”

32. Давид и одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет!

33. Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака.

34. Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!”

35. Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и и рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.”

36. Кога Авигеја се врати кај Навал, тој токму имаше гозба во куќата, вистинска царска гозба: Навал беше весел и сосем пијан; затоа таа не му рече ништо додека не осамна утрото.

37. А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сè што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил.

38. А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре.

39. Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!” Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 25