Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 25:23-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја.

24. Откако му се фрли така пред нозете, рече: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи и на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка.

25. Мојот господар нека не гледа на оној опак човек, на Навал, зашто тој со право го носи своето име: се вика безумник и лудоста е со него. А јас, твојата слугинка, не ги видов момоците кои ги испратил мојот господар.

26. Затоа сега, господару, живиот ми Господ, и така да бидеш жив ти, и така ти Господа, Кој те запази за да не навалиш врз себеси крвна кривица и за да не ја набавиш за себе правдата со својата рака: нека поминат како Навала твоите непријатели и оние кои му кројат зло на мојот господар!

27. А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта.

28. Прости и ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе.

29. Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка.

30. И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел,

31. тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!”

32. Давид и одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет!

33. Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака.

34. Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!”

35. Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и и рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 25