Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 25:10-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари.

11. Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?”

12. Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида.

13. А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!” И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот.

14. А на Наваловата жена, Авигеја, и го јави еден од Наваловите слуги ова: „Ете, Давид испрати гласници од пустината, за да го поздрават нашиот господар, а тој ги истера.

15. А тие луѓе беа многу добри со нас; не нè ѓибаа, ништо не загинавме додека бевме во нивна близина, кога бевме во полето.

16. Ноќе и дење ни беа како тврдина за сето време додека бевме со нив пасејќи ги стадата.

17. Размисли сега и види што ќе направиш, зашто е готова погибелта на нашиот господар и на сиот негов дом; а тој е опак човек кому не може ништо да му се рече.”

18. Авигеја зеде бргу двеста лебови, два мевови со вино, пет зготвени овци, пет мерки пржено жито, сто гроздови суво грозје, двеста смоквини колачиња, и го натовари сè тоа на ослици.

19. И им заповеда на своите слуги: „Тргнете пред мене, а јас ќе идам по вас.” Ништо не му кажа на својот маж Навал.

20. Додека, јавајќи на осле, слегуваше зад горскиот завој, Давид со своите луѓе слегуваше спроти неа, така што таа се сретна со нив.

21. А Давид токму мислеше: „И така напразно го заштитував во пустината сè тоа што тој човек го имаше, и ништо не му снема од сè што имаше во сопственост! Сега ми враќа зло за добро!

22. Господ нека му го направи на Давида ова зло и нека му додаде друго, ако до мугрите му го оставам на Навала од сè што има и она што мокри покрај ѕид!”

23. Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 25