Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 25:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Самоил умре. Сиот Израел се собра и го исплака тажејќи по него; и го закопаа во неговиот роден крај во Рама. А Давид стана и слезе во пустината Фаран.

2. Во Маон живееше човек кој имаше свој имот во Кармил; тоа беше многу богат човек, имаше три илјади овци и илјада кози. Токму тогаш ги стрижеше своите овци во Кармил.

3. Тој човек се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жена му беше убава и многу умна, а мажот суров и опак: беше Халевовец.

4. Давид чу во пустината дека Навал ги стриже своите овци.

5. Затоа испрати десет момоци наложувајќи им: „Одите горе во Кармил, отидете кај Навал и поздравете го во мое име.

6. И речете му вака на мојот брат: ‘Мир ти, мир на твојот дом, мир на сè што имаш!

7. Сега, слушам, ги стрижеш овците. А твоите пастири беа кај нас, не ги ѓибавме, ништо не им снема додека беа во Кармил.

8. Прашај ги своите слуги, и ќе ти кажат. Затоа овие момоци нека најдат милост пред тебе, зашто дојдовме во свечен ден. Дај им на своите слуги и на својот син Давид што ќе ти се најде при рака.’”

9. Давидовите момоци дојдоа и му ги повторија на Навала во Давидово име сите овие зборови, а потоа почекаа.

10. Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари.

11. Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?”

12. Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида.

13. А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!” И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 25