поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31

Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Оттаму Давид се искачи и се настани во енгатските горски засолништа. Кога Саул се врати од потерата по Филистејците, му го јавија ова: „Давид е во Енгадската Пустина!”

2. Тогаш Саул зеде три илјади одбрани луѓе од сиот Израел и тргна да ги бара Давида и неговите луѓе на исток од Стрмната Стена на Дивите Кози.

3. Одејќи дојде до овчите кошари покрај патот, таму имаше пештера, и Саул влезе за да клекне; а Давид со своите луѓе седеше во дното на пештерата.

4. И му рекоа на Давида неговите луѓе. „Еве го денот за кој ти рече Господ: ‘Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!’” А Давид стана и незабележливо го отсече скутот на Сауловиот плашт.

5. Но после го печеше совеста Давида зашто го отсече скутот од Сауловиот плашт,

6. па им рече на своите луѓе: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник.”

7. И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат.

8. Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!” А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони.

9. Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст?

10. Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’

11. О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш!

12. Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе.

13. Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе.

14. По кого излезе израелскиот цар? По кого одиш во потера? По мртов пес, по обична болва!

15. Господ нека биде судија, тој нека суди меѓу мене и тебе, нека ја испита и нека ја брани мојата работа и нека ми набави правда: нека ме избави од твојата рака!”

16. Кога Давид му ги изговори тие зборови на Саула, Саул одговори: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” И Саул заплака гласно.

17. Потоа му рече на Давида: „Поправеден си од мене, зашто ти ми направи мене добро, а јас ти направив тебе зло.

18. А денес ја овенча својата добрина кон мене, зашто Господ ме предаде во твоите раце, а ти не ме уби.

19. Кога човек ќе го најде својот непријател, го пушта ли да оди мирно по својот пат? Господ нека ти плати за она добро што ми го направи денес!

20. Сега знам веродостојно дека навистина ќе бидеш цар и дека царството над Израел ќе се одржи трајно во твојата рака.

21. Затоа заколни ми се сега во Господа дека нема да го сотреш моето потомство по мене и дека нема да го избришеш моето име од мојот татков дом!”

22. Давид му се заколна на Саула, Саул си отиде во својата куќа, а Давид се врати со своите луѓе во горските засолништа.