Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 23:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш му јавија на Давида: „Филистејците ја опсадија Кеила и ги ограбуваа гумната.”

2. Тогаш Давид го праша Господа: „Дали треба да одам против Филистејците и дали ќе ги поразам?” А Господ му одговори на Давида: „Оди, ќе ги поразиш Филистејците и ќе ја ослободиш Кеила.”

3. Но неговите луѓе му рекоа на Давида: „Ете, ние сме веќе тука, во Јуда, во непрекратен страв; а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети!”

4. Затоа Давид Го праша Господа уште еднаш; а Господ му одговори вака: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!”

5. Тогаш Давид тргна со своите луѓе во Кеила, удри на Филистејците, го отера нивниот добиток и им зададе тежок пораз. Така Давид ги ослободи граѓаните на Кеила.

6. И кога Авијатар, синот Ахимелехов, пребега кај Давида, тој дојде во Кеила, носејќи наплеќник во раката.

7. Кога му јавија на Саула дека Давид влезе во Кеила, Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто го фатив во стапица кога влезе во град со порти и лостови.”

8. И Саул го свика сиот народ на оружје за да оди против Кеила и да ги опколи Давида и неговите луѓе.

9. Кога Давид научи дека Саул му крои зло, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го наплеќникот!”

10. Тогаш Давид се помоли: „Господи, Израелев Боже, твојот слуга чу дека Саул подготвува напад врз Кеила, за да го разори градот заради мене.

11. Дали Саул ќе дојде како што чу Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, одговори му на Својот слуга!” А Господ одговори: „Ќе дојде!”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 23