Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 22:11-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот.

12. Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!” А тој одговори: „Еве ме господару!”

13. А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.”

14. Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа?

15. Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!”

16. Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!”

17. И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.” Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат.

18. Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!” Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник.

19. И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот.

20. Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида.

21. Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници.

22. А Давид му одговори на Авијатар: „Јас веќе во оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, знаев дека тој бездруго ќе му го јави тоа на Саула! Јас сум виновен за животите на твојот татков дом.

23. Остани кај мене, не бој се: кој ќе го бара твојот живот, ќе го бара мојот живот. Кај мене ќе бидеш чуван добро.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 22