11. Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!”
12. Тогаш Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство.
13. А Михала го зеде кипот, го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка.
14. Кога Саул испрати гласници за да го фатат Давида, таа им рече: „Болен е.”
15. Но Саул ги врати гласниците за да го видат Давида, и им заповеда: „Донесете го кај мене во постела, за да го убијам!”
16. А кога гласниците влегоа, ете: во постелата беше кипот, со козина околу главата!
17. Тогаш Саул и рече на Михала: „Зошто ме измами така и го пушти мојот непријател да побегне и да се спаси?” А Михала му одговори на Саула: „Тој ми рече: ‘Пушти ме да си одам, или ќе те убијам!’”