Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 19:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида.

2. И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се.

3. А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.”

4. Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе.

5. Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?”

6. Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!”

7. Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано.

8. И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него.

9. Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата,

10. Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси

11. Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 19