Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 17:47-58 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

47. И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.”

48. Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот.

49. Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата.

50. Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката.

51. Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство.

52. Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон.

53. Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор.

54. А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор.

55. Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?” А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!”

56. А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!”

57. А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката.

58. Саул го праша: „Чиј син си ти момче?” А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 17