Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 17:4-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа.

5. На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли.

6. На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит.

7. Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец.

8. Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене!

9. Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.”

10. Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!”

11. Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет.

12. Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините.

13. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама.

14. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула.

15. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем.

16. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни.

17. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот.

18. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот!

19. Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.”

20. Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик.

21. Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други.

22. Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето.

23. Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу.

24. А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 17