Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 17:38-53 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

38. Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп.

39. Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе.

40. Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот.

41. А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него.

42. А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице.

43. Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови.

44. Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!”

45. А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика.

46. Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел.

47. И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.”

48. Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот.

49. Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата.

50. Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката.

51. Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство.

52. Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон.

53. Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 17